Делегација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на Неделата на одржлива енергија на UNECE, која се одржа во Палатата на нациите во Женева. Во рамки на настанот беа одржани состаноци на повеќе експертски групи, како и 35-тата сесија на Комитетот за одржлива енергија, посветени на прашањата за енергетската транзиција, безбедноста и одржливиот развој.
За време на панел-дискусиите беа претставени резултатите од спроведувањето на новата регулаторна рамка и Годишните планови за изградба на енергетски објекти во Македонија. Беше истакнато дека земјата оствари значителен скок, зголемувајќи го учеството на обновливите извори од 38 проценти во 2021 година на околу 58 проценти во 2025 година, со што вкупниот инсталиран капацитет од обновливи извори надмина 1.750 MW, со посебен фокус на фотонапонските централи.
Брзиот развој на сончевата енергија и децентрализираното варијабилно производство носат нови барања за преносниот систем, вклучително и потреба од подобро балансирање и управување со двонасочните текови на струја. На состаноците беше нагласено дека зголемувањето на производствените капацитети е само еден дел од транзицијата, додека следниот клучен чекор бара сериозни инвестиции во мрежната инфраструктура.
Претставниците на Министерството ја истакнаа потребата од развивање механизми за флексибилност, батериски системи за складирање енергија, подобрување на прекуграничната распределба на капацитетите и зајакнување на регионалната соработка. Заклучокот од форумот во Женева е дека амбициозниот раст на обновливите извори мора да биде проследен со модернизација на мрежата за да се обезбеди стабилен и одржлив електроенергетски систем.

