Во училишниот двор на ОУ „Гоце Делчев“ во Битола заврши изградбата и осветлувањето на новите модерни спортски терени. Проектот опфаќа две новоизградени повеќенаменски игралишта - едно наменето за мал фудбал и ракомет, а другото за кошарка.
Игралиштата се целосно оградени, комплетирани со соодветни спортски реквизити и урбана опрема, а од синоќа е пуштено во употреба и новото рефлекторско осветлување.
Вкупната вредност за реализација на овој спортски комплекс изнесува 14.280.422 денари. Средствата за проектот се обезбедени од вториот владин повик преку Министерството за образование и наука.
Со оваа инвестиција, Општина Битола и Владата ја потврдуваат својата определба за обезбедување современи и модерни услови за спорт, физичко образование и рекреација на учениците.

