„Витаминка“ постигна 51,8 милиони евра приходи во првите девет месеци од оваа година

„Витаминка“ постигна 51,8 милиони евра приходи во првите девет месеци од оваа година

Компанијата „Витаминка“ АД Прилеп во периодот од 1 јануари до 30 септември оствари позитивен финансиски резултат, постигнувајќи нето-добивка по оданочување во износ од околу 736,05 илјади евра. Во споредба со истиот период од минатата година, добивката на компанијата е зголемена за 19 проценти.

Вкупните приходи за првите девет месеци достигнаа околу 51,82 милиони евра, што претставува раст од 5 проценти на годишно ниво. Во структурата на остварените приходи, 99 проценти отпаѓаат на продажбата на производи и услуги од основната дејност, додека 1 процент претставуваат останати приходи. Вкупните расходи за истиот период изнесуваат околу 51,37 милиони евра и бележат зголемување од 6 проценти.

Остварените вкупни приходи претставуваат реализација од 78 проценти во однос на предвидениот деловен план кој за овој период изнесуваше околу 66,86 милиони евра.

Од раководството на компанијата појаснуваат дека ваквото отстапување од планот е последица на зголемените цени на одредени клучни репроматеријали, предизвикани од геополитичките тензии и воениот конфликт на Блискиот Исток. Овие движења создадоа дополнителен притисок врз формирањето на продажните цени за странските пазари. Заради задржување на долгорочните деловни односи и пазарни позиции на ценовно сензитивните пазари, компанијата одлучи да не ги пренесе целосно повисоките трошоци врз крајните цени.

Делумно амортизирање на овие предизвици е постигнато преку зголемена продажба на сончогледово масло за јадење и флипс производи на странските пазари. Во однос на макроекономското окружување, инфлацијата во државата во 2026 година се движи просечно меѓу 3 и 4 проценти, што сигнализира стабилизација по претходните ценовни шокови. Компанијата продолжува со континуиран мониторинг на состојбите на Блискиот Исток со цел навремено управување со ризиците и обезбедување стабилност во производството и снабдувањето.

Асоцијација
(28 октомври 2026)

Пишувајте
на кирилица.
А1
А2
А3
А4
Б1
Б2
Б3
Б4
В1
В2
В3
В4
Г1
Г2
Г3
Г4
Секоја среда нова асоцијација.