Царинската управа спречи шверц на 5.200 штеки цигари на граничниот премин „Ново Село“

Царинската управа спречи шверц на 5.200 штеки цигари на граничниот премин „Ново Село“

Секторот за контрола и истраги при Царинската управа успешно откри и спречи обид за шверц на вкупно 5.200 штеки цигари, спакувани во 104 пакети.

Случајот е откриен на граничниот премин „Ново Село“, каде камион пријавен како празен на излез од државата бил селектиран за детален царински преглед.

Инспекторите од Одделението за оперативни работи, во полуприколката ладилник открија специјално конструиран бункер со преграда каде биле сокриени цигарите.

По спроведените истражни дејствија од страна на Одделението за истраги, поднесена е кривична пријава против возачот, кој е српски државјанин.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека борбата со царински измами и спречувањето на обиди за шверц на тутун и тутунски производи е една од клучните обврски, нотирани и во извештајот на Европската Комисија, на која управата е целосно посветена.

Николовски нагласи дека годинава, заклучно со 30 ноември, Царинската управа по основ на увоз на тутун и тутунски производи наплатила 15,3 милијарди денари, што претставува раст од 10% во однос на минатата година.

Заклучно со 30 ноември, годинава се наплатени приходи од 1,95 милијарди евра, што е за 86,9 милиони евра повеќе од истиот период лани, забележувајќи раст од 4,7%.

Раст е регистриран по сите основи: Приходите од наплата на царина со раст од 15,1%, од ДДВ при увоз 3,2% раст, од Данокот на моторни возила (ДМВ) од 10,9% и од акциза 4,6%.

Следете ги најновите вести на Viber
Царинската управа спречи шверц на 5.200 штеки цигари на граничниот премин „Ново Село“