Казнети десет осигурителни компании за картелско здружување - договарале цена на полиса за осигурување од автомобилска одговорност

Казнети десет осигурителни компании за картелско здружување - договарале цена на полиса за осигурување од автомобилска одговорност

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) донесе решение со кое утврди постоење на усогласено однесување, односно картел, помеѓу десет осигурителни компании на пазарот за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Според Комисијата, казнети се следниве компании: „Еуроинс Осигурување АД Скопје“, „Триглав Осигурување АД Скопје“, „АД Македонија Скопје - Виена Иншуренс Груп“, „Сава Осигурување АД Скопје“, „Еуролинк АД Скопје“, „Граве АД Скопје“, „Уника АД Скопје“, „АД Осигурителна Полиса Скопје“, „Халк Осигурување АД Скопје“ и „Кроација Осигурување АД Скопје“.

Во текот на постапката, од КЗК утврдиле дека во периодот од 1 март до 7 мај, компаниите разменувале чувствителни информации и ги координирале своите активности. Како резултат на тоа, во исклучително краток рок, донеле идентични или усогласени одлуки за зголемување на делот од премијата наменет за вршење дејност, познат како режиски додаток.

Според Законот за заштита на конкуренцијата, ваквото однесување претставува најтешка форма на повреда – ограничување на конкуренцијата „по своја цел“. Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменила независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането.

Врз основа на утврдените факти, Комисијата изрече прекршочни санкции - глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари (околу 280.000 евра).

Од КЗК нагласија дека остануваат посветени на заштита на фер пазарните услови, спречување на картели и обезбедување на конкурентна средина во интерес на потрошувачите и стопанството.

Следете ги најновите вести на Viber
Казнети десет осигурителни компании за картелско здружување - договарале цена на полиса за осигурување од автомобилска одговорност