Општина Центар започна со поставување на уреди на 30 критични локации низ општината, чија примарна цел е континуирано следење на нивото на бучава и алармирање во моментите кога се надминуваат дозволените граници.
Веќе се поставени 19 уреди во неколку клучни и фреквентни делови на Центар. Уредите се активни во Дебар Маало, на улиците „Орце Николов“, „Мирослав Крлежа“ и „Отон Жупанчиќ“, како и на двете локации на „Боемска“.
Во следниот период, проектот ќе продолжи со поставување на уредите и на други важни локации кои се идентификувани како критични зони за бучава. Следни локации опфатени со овој паметен систем ќе бидат улиците „Ленинова“, населбите Капиштец и Буњаковец, „Кеј 13 Ноември“ и локалитетот „Кале“.
Градоначалникот Герасимовски потенцираше дека Општина Центар продолжува да воведува современи решенија кои се насочени кон обезбедување помирен и поудобен живот за граѓаните.