Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи упати итно предупредување до јавноста поради зачестена појава на лажни пораки насочени кон македонските граѓани.
Според официјалните информации, непознати лица преку странски телефонски број (+639606963624) испраќаат СМС-пораки со кои ги известуваат корисниците за наводен сообраќаен прекршок. Во пораката се бара итна наплата на казната преку платежна картичка на лажна веб-страница која визуелно го имитира официјалниот сајт на Министерството.
Механизмот на измамата е дизајниран да ги наведе жртвите да кликнат на сомнителен линк, кој води до страница каде се бара внесување на регистарската табличка на возилото. По овој чекор, се појавува нов прозорец со лажен прекршок во износ од 1.500 денари, по што од граѓаните се бараат податоци од нивните платежни картички. Од МВР појаснуваат дека целта на оваа манипулација е злоупотреба на личните податоци и финансиските средства на корисниците.
Надлежните апелираат до граѓаните и правните субјекти да бидат исклучително претпазливи и да не отвораат линкови испратени од неверфикувани извори. Од Секторот за компјутерски криминал потенцираат дека официјалните институции никогаш не бараат наплата на казни преку вакви неформални канали и апелираат во никој случај да не се споделуваат податоци од банкарски картички на веб-страници кои не се легитимни.







