Државниот завод за статистика ги објави најновите податоци за демографските движења во земјава, кои покажуваат видливи промени во брачните трендови кај населението. Според официјалната статистика, во текот на 2025 година е забележан пад на бројот на новосклучени бракови за 5,1% во споредба со претходната година, додека истовремено бројот на разведените бракови бележи раст од дури 8%.
Во текот на целата измината година во земјава биле склучени вкупно 10.507 бракови. Анализирано по месеци, граѓаните најчесто ја избирале летната сезона за правење свадбени веселби, па така најголем дел од браковите, односно 1.362 или 13%, се регистрирани во текот на месец август. Од друга страна, најмал интерес за склучување брак имало во март, кога биле евидентирани само 473 бракови, што претставува 4,5% од вкупниот број на годишно ниво.
Податоците потврдуваат дека граѓаните најчесто стапуваат во брак за првпат, каде што учеството на жените изнесува 92,8%, а на мажите 92,1%. Сепак, кога станува збор за повторно засновање на брачна заедница, мажите се похрабри, па тие почесто стапуваат во втор брак со учество од 7,1% или во трет брак со 0,8% од вкупната бројка. Статистичарите пресметале дека просечната возраст при склучување на првиот брак изнесува 27,5 години за невестата и 30,2 години за младоженецот, при што најдоминантна е старосната група од 25 до 29 години. Во оваа категорија спаѓаат 3.448 или 32,8% од жените и 3.750 или 35,7% од мажите кои го кажале судбоносното „да“.
Наспроти ова, во делот на разводите, статистиката лоцира дека критичниот период за разделување настапува по неколку години заеднички живот. Најголем дел од разводите, односно 478 или 21,9%, се случиле во периодот од пет до девет години по склучувањето на бракот. Според старосната структура, брачните заедници најчесто се распаѓаат кај сопружниците кои се наоѓаат во триесетите години од животот, односно во старосната група од 35 до 39 години, каде што се евидентирани 400 или 18,3% од разведените жени и 381 или 17,4% од разведените мажи.







