Буџетот за наука е двојно зголемен во однос на минатата година и сега изнесува околу 650-660 милиони денари, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.Тој нагласи дека оваа сума сè уште не е доволна.
Како дел од заложбите за стимулирање на науката, Владата преку Министерството за образование и наука, најави дека ќе обезбеди бесплатен пристап на сите млади и искусни научници до две клучни бази на научни списанија.
„Ако во минатото пристапот до овие списанија беше скап и тешко достапен, сега државата целосно ќе ги покрие трошоците“, истакна Мицкоски.
Со оваа мерка, според премиерот, ќе се поттикнат младите научници да публикуваат свои научни трудови, што пак би придонело за напредок на домашните универзитети на меѓународната Шангајска листа за рангирање на универзитети.
Мицкоски изрази очекување дека во текот на овој мандат, македонските универзитети ќе се придвижат кон првите илјада универзитети на Шангајската листа.