Бројот на работниците во македонската индустрија во јуни бележи намалување од 2,3 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.
Според официјалните податоци, најизразен пад е забележан во секторот Рударство и вадење на камен, каде што бројот на вработени се намалил за 7,7 проценти. Во Преработувачката индустрија, која ангажира најголем дел од работната сила, намалувањето изнесува 2,1 процент. Единствен сектор што бележи благо зголемување на бројот на работници е Снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со раст од 0,2 проценти.
Анализирано по главни индустриски групи, сите сектори бележат пад на работната сила во јуни во споредба со истиот месец лани. Најголемо намалување има кај Нетрајните производи за широка потрошувачка за 3,5 проценти. Секторите Енергија и Интермедијарни производи, освен енергија, бележат идентичен пад од по 2,4 проценти, Капиталните производи се намалени за 1,8 проценти, додека кај Трајните производи за широка потрошувачка е регистриран пад од 1,7 проценти.
Кумулативните податоци на ДЗС покажуваат дека во целото прво полугодие, односно во периодот јануари-јуни 2026 година, вкупниот број на работници во индустријата е намален за 2,9 проценти во споредба со истиот период од 2025 година.

