Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, управуван од „ТАВ Македонија“, го забележа најуспешниот јули во својата историја, поставувајќи нов рекорд и во бројот на патници и во бројот на летови.
Во текот на јули преку охридскиот аеродром патувале 52.544 патници, што е раст од 41,21 процент во споредба со истиот месец минатата година, а биле реализирани 443 летови (раст од 34,65 проценти). Во истиот месец е урнат и дневниот рекорд, при што на 26 јули се опслужени 2.988 патници, додека на 20 јули се реализирани рекордни 22 летови во еден ден.
Во периодот јануари-јули 2026 година, преку охридскиот аеродром поминале вкупно 175.182 патници (раст од 24,24 проценти) и се реализирани 1.350 летови.
Над 2,4 милиони патници на двата аеродроми
Силен раст бележи и Меѓународниот Аеродром Скопје. Во јули се опслужени 408.925 патници (раст од 29,5 проценти) со 2.670 летови. Најфреквентен ден во Скопје бил 31 јули со 16.347 патници, додека најмногу летови во еден ден (101 операција) се регистрирани на 20 јули.
Во првите седум месеци од 2026 година, скопскиот и охридскиот аеродром заедно опслужија 2,42 милиони патници и 16.280 летови, што претставува зголемување од 28,4 проценти во патничкиот сообраќај и 8,6 проценти во бројот на операции.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, истакна дека рекордните резултати се потврда за посветената работа, проширувањето на мрежата на авиолинии и заедничките активности со Владата за привлекување нови авиокомпании. Тој појасни дека и покрај тековната реконструкција на охридскиот аеродром, сообраќајот се одвива без никакви прекини.
Македонија е лидер во растот според ACI Europe
Според најновиот извештај на Меѓународниот совет на аеродроми - Европа за првата половина од 2026 година, Македонија е лидер меѓу земјите кои не се членки на ЕУ во однос на растот на патничкиот сообраќај, со скок од 27,9 проценти. Земјава се наоѓа пред Молдавија (+21%), Албанија (+17,2%), Узбекистан (+15,7%), Ерменија (+11%) и Црна Гора (+10,4%).
Дополнително, ACI Europe го рангираше Меѓународниот Аеродром Скопје меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа, со забележан пораст на патничкиот сообраќај од 28,6 проценти.

