Вонредни инспекции во Карпош: Изречена казна и опомени за угостителите поради неправилно поставена урбана опрема

Вонредни инспекции во Карпош: Изречена казна и опомени за угостителите поради неправилно поставена урбана опрема
Сподели:

Комуналната и градежната инспекција на Општина Карпош спроведе вонредни инспекциски надзори во вечерните часови, со цел конечно да се воведе ред во користењето на јавниот простор на територијата на општината.

Инспекциските служби извршија теренска контрола на поставената урбана опрема, односно летните тераси, масите и столчињата пред угостителските објекти и локали. При акцијата беа констатирани неправилности кај неколку угостителски објекти, при што е изречена парична глоба за еден правен субјект, а издадени се и неколку официјални опомени поради забележани отстапувања од одобрениот Елаборат за урбана опрема.

Од Општина Карпош упатија апел до сите сопственици на угостителски локали доследно да ги почитуваат законските прописи и предвидените услови во елаборатите. Општинските власти најавуваат дека инспекциските контроли во вечерните часови ќе продолжат со ист интензитет и во наредниот период.