Ревизорски извештај: ЕСМ и МЕПСО не ги исполнуваат обврските за енергетска транзиција

Ревизорски извештај: ЕСМ и МЕПСО не ги исполнуваат обврските за енергетска транзиција

Македонската енергетска транзиција, која треба да обезбеди енергетска сигурност и да ги исполни меѓународните обврски за декарбонизација, се соочува со сериозни предизвици. Ова се заклучоците од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на тема „Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија“.

Извештајот открива дека и покрај стратешките планови и реформските напори, енергетските компании АД ЕСМ и АД МЕПСО не успеваат да ги обезбедат неопходните услови за целосна имплементација на зацртаната политика.

АД ЕСМ, најголемиот производител на електрична енергија, не успеал да изгради нови големи капацитети кои би ги замениле термоелектраните на јаглен, кои треба да се затворат до 2030 година. И покрај изградбата на Фотоволтаичната електрана Осломеј 3 од 100 MW преку јавно-приватно партнерство, како и ФЕЦ Осломеј 1 од 10 MW, која сè уште не е оперативна, недостасуваат сериозни инвестиции.

Дополнително, компанијата работи со загуба бидејќи производната цена на електрична енергија е повисока од цената по која ја продава на универзалниот снабдувач. Ова ја доведува во прашање финансиската одржливост на ЕСМ и целата реформа за зелена транзиција.

Операторот на електропреносниот систем, АД МЕПСО, се соочува со сериозни технички проблеми. Компанијата не може да одобри бројни барања за приклучок на нови инвеститори во обновливи извори на енергија, бидејќи мрежата не е доволно развиена. Извештајот посочува и на застој во клучниот регионален проект за изградба на далекуводот 400 kV кон Албанија, дел од Коридор 8, кој е на листата на приоритетни проекти на Енергетската заедница и е започнат уште во 2015 година.

Иако Владата го усвои Планот за енергија и клима со амбициозни цели за 2030 година, вклучувајќи учество од 38% на обновливите извори на енергија во крајната потрошувачка, ДЗР утврди дека не се изработуваат извештаи за следење на неговата имплементација. Ова значи дека не постои соодветен мониторинг врз спроведувањето на политиките.

Извештајот забележува дека и покрај значајните меѓународни чекори, како што се усвојувањето на Патоказот за праведна транзиција и потпишувањето на декларацијата за формирање на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP), со одобрени средства од 85 милиони долари, реализацијата на проектите е бавна.

Владата формираше Совет за следење на овие планови, а Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има подготвено нацрт-листа на проекти во вредност од над 1,8 милијарди евра, но ревизорскиот извештај алармира дека стратешките документи не се доволни без конкретна акција на терен.

Во 2024 година, термоелектраните сè уште учествуваат со 38,4% од вкупното производство на електрична енергија, што ја потенцира нивната клучна улога, но и нивната позиција како најголеми загадувачи. Истовремено, законската обврска ЕСМ да продава дел од своето производство на универзалниот снабдувач по цена пониска од производствената, дополнително ги продлабочува финансиските проблеми.

Ревизорски извештај: ЕСМ и МЕПСО не ги исполнуваат обврските за енергетска транзиција