Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска беше главен говорник на Шестиот самит во Солун во организација на „The Economist“. На самитот посетен од високи претставници од бизнисот и политиката во регионот, таа порача дека Македонија од пасивна крајна точка се трансформира во активен транзитен коридор на енергетската карта на Југоисточна Европа.
На панелот посетен од меѓународни претставници, меѓу кои и специјалниот пратеник за енергетика на САД Џошуа Волц и министрите за енергетика на Грција и Бугарија, Ставрос Папаставру и Ива Петрова, Божиновска ја истакна важноста на приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, оценувајќи го како историски чекор кон прекин на 30-годишната целосна зависност од само една гасна рута.
Во однос на конкретните инфраструктурни проекти, министерката информираше за динамиката на клучните енергетски врски:
Интерконектор со Грција: Проектот со вкупна должина од 123 километри (68 километри на македонска територија) напредува според планот, а неговото пуштање во функција се очекува во 2027 година. Со ова се овозможува пристап до ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис.
Врска со Србија: Со паралелниот развој на гасоводната линија кон Србија се креира западнобалкански крак кој го поврзува југот со Централна и Источна Европа.
Електроенергетско поврзување: Во тек се активности за комплетирање на Коридорот 8 преку интерконекцијата Битола-Елбасан, како и развој на новата интерконекција со Бугарија и надградба на постојната со Грција.
Новата гасна инфраструктура се дизајнира со можност за иден транспорт на водород, што е во согласност со европските цели за декарбонизација и поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија.

