Новата еврообврзница планирана за 2027 година е дел од навремените подготовки за обезбедување средства за враќање на старите долгови кои достасуваат следната година, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Одговарајќи на обвинувањата од опозицијата за ново задолжување од 1,3 милијарди евра, министерката појасни дека информацијата сè уште не е разгледана на владина седница, но дека Министерството мора однапред да ги планира обврските. Според неа, задолжувањето коешто се користи за рефинансирање на постојни обврски не значи автоматско зголемување на јавниот долг за целиот позајмен износ.
Во текот на 2027 година достасуваат неколку значајни финансиски обврски што државата мора редовно да ги сервисира. Пред сè, тоа се околу 1,5 милијарди евра за стари долгови преземени од претходната Влада, како и доспевање на 12-месечни државни записи во износ од околу 1,1 милијарда евра. Истовремено, согласно Фискалната стратегија, за 2027 година е проектиран и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП кој исто така бара финансирање.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека Министерството за финансии ги објавува сите податоци транспарентно. Таа оцени дека критиките се неосновани кога намерно се занемарува фактот дека новите средства се користат за отплата и рефинансирање на веќе создадени долгови.

