Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-јули оваа година достигна над 5,1 милијарда евра, што претставува пораст од 8,4 проценти во однос на истиот период од претходната година.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во истиот седуммесечен период вредноста на увезената стока изнесува над 7,1 милијарда евра, бележејќи зголемување од 7,9 проценти во споредба со периодот јануари-јули минатата година.
Во структурата на извозот според Стандардната меѓународна трговска класификација, најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење за возила, авиони или бродови, како и деловите на седишта.
На страната на увозот, најзастапени се платината и легурите на платина (необработени или во прав), останатите метали од платинската група, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, како и моторните возила за превоз на лица.
Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,7 проценти во вкупната надворешнотрговска размена. Според обемот на трговија, најзначајни партнери на земјава се Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно покриваат 49,4 проценти од вкупната размена.

