Со поставување на камен-темелник, во Општина Карпош официјално започна изградбата на нова, современа повеќенаменска спортска сала во рамките на основното училиште „Братство“ во населбата Тафталиџе 2.
На официјалниот почеток на градежните работи и увидот на терен присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, како и претставници од Министерството за образование и наука.
Новата сала ќе биде изградена на местото на стариот објект и ќе се протега на површина од 1.427 квадратни метри. Објектот е проектиран за разни спортски активности, меѓу кои кошарка, ракомет, мал фудбал, одбојка, тенис, гимнастика и боречки спортови, а ќе располага и со трибински простор со капацитет од 400 седишта.
Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 63,4 милиони денари (со вклучен ДДВ). Средствата за реализација на проектот се целосно обезбедени со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за образование и наука.
Со оваа инвестиција се очекува значително подобрување на условите за одржување на часовите по физичко образование, но и обезбедување простор за спортски школи, тренинзи и манифестации од локален карактер.

