Орце Ѓорѓиевски ветува изградба на монтажен паркинг кај Матка

Орце Ѓорѓиевски ветува изградба на монтажен паркинг кај Матка

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес од Сарај и туристичкиот локалитет Матка најави серија капитални проекти насочени кон развојот на оваа општина и подобрување на туристичката инфраструктура.

Меѓу најзначајните проекти, Ѓорѓиевски ја најави изградбата на монтажен паркинг кај туристичкиот локалитет Матка, со цел решавање на долгогодишниот проблем со хаотичното паркирање. „Ќе овозможиме подобра пристапност и уредено паркирање за домашните и странските посетители, со што ќе се намали притисокот врз природната средина и ќе се создадат услови за одржлив туризам,“ - изјави Ѓорѓиевски.

Во програмата е предвидено и целосно реконструирање на главната улица, со што ќе се обезбеди побезбеден, поквалитетен и современ сообраќај. Ќе се направи улицата побезбедна и за пешаците и за возилата, со нови тротоари, сигнализација и осветлување.

Во план е изградба на канализациона мрежа во Долна Матка, проект кој е од суштинско значење за здравјето на жителите и за заштита на реката и природната околина.

Ѓорѓиевски најави и осветлување на Горна Матка, проект кој директно ќе ја зголеми безбедноста, пристапноста и квалитетот на живот и за жителите и за туристите.