Кривична пријава против поранешен директор на „Комуналец Струмица“ за злоупотреба на службената положба

Кривична пријава против поранешен директор на „Комуналец Струмица“ за злоупотреба на службената положба

Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава против З.Г. (57) од Струмица поради сомнеж за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Лицето во својство на поранешен директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ Струмица, е осомничен дека го оштетил буџетот на претпријатието за вкупен износ од 864.520 денари.

Според поднесената пријава до Основното јавно обвинителство Струмица, поранешниот директор во два наврати, на 4 август 2020 година и 13 октомври 2021 година, донел решенија за додаток на плата без да направи соодветна анализа согласно Правилникот за плати на ЈП и спротивно на законската регулатива. Врз основа на овие решенија, на З.Г. му биле исплаќани додатоци од 9.000 и 6.000 денари месечно, се до престанокот на неговиот мандат во 2024 година, со што се стекнал со противправна имотна корист од 552.520 денари.

Понатаму, во текот на септември и октомври 2021 година, З.Г. донел уште седум идентични решенија за седум други вработени лица во Јавното претпријатие, по основ на кои им биле исплаќани по 6.000 денари месечно до март 2022 година. Со ова дејствие, овие вработени се стекнале со противправна имотна корист од 276.000 денари. За уште едно вработено лице, пријавениот донел решение за додаток на плата поради прилагодување кон пазарот на трудот, со што вработениот се стекнал со 36.000 денари противправна имотна корист.

Со овие дејствија, поранешниот директор З.Г. се товари дека свесно го оштетил буџетот на ЈПКД „Комуналец“ Струмица за вкупниот износ од 864.520 денари.

Следете ги најновите вести на Viber
Кривична пријава против поранешен директор на „Комуналец Струмица“ за злоупотреба на службената положба