Средба Мицкоски-Кошта: Разговори за гасен интерконектор со Србија и Косово, решавање на тарифите за челикот на македонските производители

Средба Мицкоски-Кошта: Разговори за гасен интерконектор со Србија и Косово, решавање на тарифите за челикот на македонските производители
Сподели:

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Главна тема на разговор било актуелното приближување на земјата кон Европската Унија и конечното формално отпочнување на преговорите. Мицкоски потенцираше дека на состанокот ги повторил истите достоинствени позиции по сите понижувања што ѝ се случиле на земјата во изминатите 25 години на нејзиниот пат кон ЕУ.

Покрај евроинтеграциите, на средбата биле разгледани и неколку стратешки важни проекти за земјата кои се приоритет и за претседателот Кошта. Меѓу нив се гасниот интерконектор со Србија и кракот на гасоводот кон Косово, како и решавање на тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители.

Исто така, станало збор и за заеднички проект на македонската Влада и Европската комисија, кој се однесува на проекти што треба да се реализираат во Кочани и кочанскиот регион.

Премиерот Мицкоски ја оцени средбата како исклучително успешна и продуктивна, најавувајќи дека неговата агенда во Брисел продолжува со настан со Еуроњуз и вечера со комесарката Марта Кос, од кои очекува позитивни вести.