АЛТА банка АД Битола ги извести своите клиенти дека од 5 ноември (четврток) во главната филијала на банката во Битола, лоцирана на улицата „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21, започнува постапка за исплата на готовински средства. Оваа мерка првенствено се однесува на депонентите кои поседуваат платежни сметки во банката, но немаат издадено платежни картички, односно на пензионерите и корисниците на социјална помош.
Според соопштението од банката, со утврдените привремени мерки се овозможува клиентите да подигнат износ до 20.000 денари во период од две недели. За да се обезбеди постапност и ефикасност, исплатата ќе се одвива преку однапред утврден распоред, при што корисниците ќе бидат поединечно известени преку СМС-порака со точно дефиниран ден и час за посета на шалтерите. За граѓаните кои нема да бидат во можност да се појават во дадениот термин, од банката најавуваат обезбедување дополнителни термини.
За потребите на процесот, во главната филијала ќе бидат ставени во функција повеќе шалтери. Од 6 ноември 2026 година, како и во сабота на 7 ноември, филијалата во Битола ќе работи во две смени со цел непречено опслужување на граѓаните и избегнување метеж.
Од раководството на банката напоменуваат дека шалтерските служби во овој период ќе бидат исклучиво наменети за исплата на готовина, без можност за реализација на други банкарски и платежни трансакции. Истовремено, во тек се технички и организациски подготовки за овозможување на истиот систем за исплата на готовина и во останатите градови низ државата, за што депонентите ќе бидат дополнително информирани.

