Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) најави потенцијална нова странска директна инвестиција од германската технолошка компанија Heidelberg Postpress.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска оствари средба со Матиас Лаубенштајн, директор на Heidelberg Postpress, при што се разгледуваа можностите за отворање нов производствен погон во Македонија.
Компанијата изрази интерес за инвестирање во рамките на зоните, при што како потенцијални локации беа разгледани ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип.
На средбата, директорот Димовски ги презентираше можностите и поволностите што ги нуди Македонија, нагласувајќи ја стратешката локација и даночните олеснувања достапни за инвеститорите.
„Интересот на ваква реномирана компанија претставува силна потврда за атрактивноста на Македонија и ТИРЗ како локација за странски директни инвестиции. Вложувањето во напредни технологии и висока додадена вредност е приоритет.“ - истакна Димовски..
Матијас Лаубенштајн посочи дека стабилната деловна средина, пристапот до квалификувана работна сила и транспарентната поддршка од институциите се клучни фактори во нивната анализа за избор на нова локација.
Heidelberg Postpress е компанија која работи во областа на машинското инженерство. Ги снабдува компаниите со пакување и дигитално печатење, софтверски решенија, услуги и потрошен материјал.
Компанијата моментално се фокусира на проширување во нови деловни области како што се високо прецизно инженерство на постројки со интегрирана контрола, технологија за автоматизација и роботика, како и растечките зелени технологии.
Доколку оваа инвестиција се реализира, ќе придонесе во отворање на нови работни места и пренесување на напредните германски технологии и стандарди во македонската економија.