Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против шест лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Струмица, К.К. (35), за сериозни злоупотреби при постапката за јавна набавка на електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“.
Поранешниот градоначалник К.К. се сомничи за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, додека другите пет пријавени лица: Д.П.С.(61), К.Б.(37), Л.Ј.(63), Л.Ѓ.(62) и Г.П.(58) се сомничат за „несовесно работење во службата“ и помагање во извршување на кривичните дела.
Според МВР, поранешниот градоначалник К.К., во својство на одговорно лице, ги повредил правилата на постапката за набавка на 10 електрични автобуси, чија вкупна вредност изнесува околу 430 милиони денари.
Ова го сторил со ангажирање на пријавениот Г.П. како одговорно лице задолжено за технички прашања и надзор, иако тој не ги поседувал потребните стручни квалификации и потребната Лиценца А за надзор од областа на електротехниката.
Покрај тоа, пријавениот К.К. свесно ги повредил прописите со договарање на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси.
Директорот на ЈСП, Д.П.С., постапил несовесно и пропуштил должен надзор над целокупната постапка и имплементацијата на јавната набавка, потпишувајќи го Договорот во кој учествувало лице без потребните стручни квалификации.
Исто така, претседателот и членовите на комисијата за јавни набавки (К.Б., Л.Ј. и Л.Ѓ.) го определиле Г.П. за одговорно лице за следење на реализацијата, иако тој не бил квалификуван за тие работни задачи.
Со наведените дејствија е причинета материјална штета од поголеми размери, а со отсуството на лице со неопходната лиценца се доведени во прашање реалната вредност, квалитетот, безбедноста и веродостојноста на техничките спецификации на набавените електрични автобуси.