Општина Бутел во координирана акција со Министерството за внатрешни работи, рано утринава спроведе акција за отстранување на бесправно изграден објект и узурпација на државно земјиште во населеното место Визбегово.
Градоначалникот упати порака дека нема да толерира прекршувања на прописите во општината. Тој потенцираше дека законот ќе важи за сите подеднакво, без отстапки, сѐ додека тој е на чело на општината.
„Во општина Бутел нема место за бесправно изградени објекти и узурпации на државно земјиште. Јас работам во интерес на моите сограѓани, постапувам и сум на страна на чесните луѓе. За мене додека сум градоначалник сите граѓани ќе бидат исти и еднакви.“ - додаде Костовски.
По отстранувањето на објектот, ќе следат и соодветни пријави против лицата кои бесправно граделе и го узурпирале државното земјиште.