Првпат по пандемијата паѓа бројот на авиопатници во Европа, Македонија со рекорден раст

Првпат по пандемијата паѓа бројот на авиопатници во Европа, Македонија со рекорден раст

Авиосообраќајот во Европа достигна пресвртна точка. По повеќе од пет години континуиран раст и закрепнување од ковид-кризата, во април 2026 година е забележан првиот пад на бројот на патници на европските аеродроми. Според најновиот извештај на ACI EUROPE, патничкиот сообраќај на европската мрежа се намалил за 0,7% во споредба со истиот месец минатата година.

Овој пад, иако минимален, става крај на позитивниот тренд кој започна во април 2021 година. Главните причини за ваквиот резултат се воениот конфликт на Блискиот Исток кој силно се одрази врз пазарите надвор од ЕУ, штрајковите на аеродромите во Германија, како и тоа што велигденските празници оваа година делумно се паднаа во март.

Додека големите европски центри ги чувствуваат последиците од кризата, македонските аеродроми бележат извонредни резултати. Македонија се најде во самиот врв во групата на земји надвор од ЕУ со импресивен раст на патничкиот сообраќај од дури 30,6% во споредба со април минатата година. Во оваа зона, одличен раст имаат и Албанија со 25,3% и Молдавија со 24,6%. Од друга страна, најголем пад во овој пазар има Израел со 73,4%, како и Турција со минус од 5,1%.

Поединечно по аеродроми, Скопскиот аеродром се издвојува како еден од најдинамичните во категоријата на средни аеродроми, каде што е забележан скок на бројот на патници од 31,1%.

Во рамките на пазарот на Европската Унија, сликата е поделена. Аеродромите во Шпанија бележат раст од 3,7%, а во Италија од 2,2%. Најдрастичен пад меѓу големите економски сили има во Германија, каде што поради седумдневните штрајкови сообраќајот се намалил за 8,5%, а пад бележат и Велика Британија со 2,1% и Франција со 0,9%. Рекордери по раст во ЕУ се аеродромите во Словачка со огромни 125,2%, додека Кипар бележи најголем пад од 16,1%.

Генералниот директор на ACI EUROPE, Оливие Јанковец, нагласува дека геополитичката нестабилност почнува сериозно да влијае врз растот, но предупредува и на нов голем проблем. Најголема загриженост во моментов предизвикуваат сериозните застои и метежи на пасошките контроли поврзани со новиот Шенген систем за влез и излез (EES). Доколку властите не покажат флексибилност, Јанковец предупредува дека хаосот за патниците дополнително ќе се зголеми во летните месеци, што може да нанесе огромна штета на репутацијата на Европа како туристичка дестинација.

Асоцијација (03 јуни 2026)