Николовски: Царината со историски највисока месечна наплата од 14 милијарди денари во јули

Николовски: Царината со историски највисока месечна наплата од 14 милијарди денари во јули
Сподели:

Царинската управа постави нов историски рекорд во месечната наплата на приходите, остварувајќи вкупно 229,89 милиони евра (над 14 милијарди денари) во текот на јули, информираше директорот Бобан Николовски. Ова е веќе четврти пат во последните две години институцијата да ги собори досегашните рекорди, бележејќи значителен скок од јули 2024 година кога наплатата изнесуваше над 12 милијарди денари.

Според раководството на Царинската управа, високиот финансиски резултат е директен показател за ефикасноста на реформите што се спроведуваат во изминатиот период. Континуираната модернизација на царинските процеси, дигитализацијата на услугите, прецизното таргетирање на ризиците и унапредувањето на професионалниот однос на царинските службеници кон стопанството овозможија побрз проток на стоки и поефикасна наплата на давачките.

Главните фактори кои придонесоа за рекордниот прилив на средства во државниот буџет за минатиот месец се зголемениот обем на набавки на опрема за потребите на Министерството за одбрана, како и забележителниот раст на увозот на нафта, нафтени деривати, тутун и тутунски производи.

Од Царинската управа истакнуваат дека остануваат посветени на градењето модерна и професионална институција која обезбедува стабилен прилив на средства во буџетот. Собраните приходи директно придонесуваат за подобрување на економската кондиција на државата и поддршка на јавните финансии.