Сушата во Европа не влијаеше на македонските хидроелектрани: Акумулациите се полни околу 70 проценти

Сушата во Европа не влијаеше на македонските хидроелектрани: Акумулациите се полни околу 70 проценти
Сподели:

Домашниот електроенергетски систем во Македонија е целосно стабилен и подготвен, а ниските водостои во Европа во моментов не претставуваат никаков ризик за сигурноста на домашното производство на електрична енергија, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Стабилни акумулации и раст на производството на струја од хидроелектраните

Вкупната исполнетост на домашните акумулации во моментов изнесува околу 70 проценти, што овозможува сигурно и непречено управување со хидропотенцијалот за покривање на актуелните потреби на граѓаните и стопанството.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во мај годинава во земјава се произведени 462.653 MWh електрична енергија, со што се покриени дури 96,5 проценти од домашната потрошувачка. Според АД ЕСМ, регистрирано е драстично зголемување на производството од хидроелектраните за 76 проценти во споредба со истиот период лани, додека ветерните електрани бележат раст од околу 10 проценти.

Инвестиции во обновливи извори и батериски системи

Од Министерството истакнуваат дека во тек се значајни инвестиции за диверзификација на изворите на енергија. Активно се работи на втората фаза од ветерниот парк „Богданци“ за достигнување капацитет од 50 MW, а започнуваат и активностите за фотонапонските централи „Битола 1“ и „Осломеј 2“, додека подготовките за „Битола 2“ и „Битола 3“ се во напредна фаза.

Паралелно со сончевите и ветерните централи, се создаваат законски и технички услови за поширока примена на батериски системи за складирање на електричната енергија, со што дополнително ќе се зајакне стабилноста на мрежата.

Македонија станува клучна транзитна точка за гас во регионот

На полето на регионалното поврзување, интензивно се реализира проектот за гасниот интерконектор со Грција, а во подготовка е и интерконекторот со Србија.

По посебната покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор, Македонија станува дел од важна европска мрежа на гасоводи и терминали. Оваа иницијатива овозможува природниот гас да се движи од југ кон север на Европа преку повеќе правци, со што домашните интерконектори добиваат меѓународно стратешко значење, а државата се позиционира како важна транзитна точка за снабдување со гас во Југоисточна и Централна Европа.