Вонреден инспекциски надзор во Злокуќани: Утврдени неправилности кај бесправно изградени објекти

Вонреден инспекциски надзор во Злокуќани: Утврдени неправилности кај бесправно изградени објекти
Сподели:

Општина Карпош, преку Секторот Инспекторат и во соработка со Полициската станица Карпош, спроведе вонредни инспекциски контроли на територијата на урбаната заедница Злокуќани.

За време на теренските контроли, инспекциските служби констатираа неправилности кај повеќе бесправно изградени објекти. По утврдувањето на состојбата на терен, веднаш се започнати соодветни законски инспекциски постапки за сите нелегални градби. Паралелно со градежните проверки, инспекторите реагираа и во делот на комуналната хигиена, при што повеќе лица беа официјално опоменати поради неправилно одлагање отпад и нарушување на јавната чистота во оваа населба.

Во рамките на акцијата беше организирано и спроведено целосно отстранување на фрлениот кабаст отпад од јавните површини по должината на улицата „Скупи“, како и во внатрешноста на населбата Злокуќани. Општинските служби искористија прилика да пораговараат со локалните жители околу актуелните комунални проблеми со кои се соочуваат во секојдневното живеење.

Од Општина Карпош најавуваат дека продолжуваат со редовни инспекциски контроли и засилени заеднички акции со полицијата на целата општинска територија. Главната цел на овие теренски активности е воспоставување поголем ред, одржување на јавната чистота и доследно почитување на сите законски прописи.