Скопската полиција рано утринава спречи разбојништво во маркет на улицата „Џон Кенеди“ во Чаир. Двајца од осомничените, А.Х. (23) и Е.А. (19) се уапсени, а по третиот се трага.
Инцидентот се случил денеска околу 04:52 часот, кога во СВР Скопје било пријавено дека три машки лица насилно влегле во маркетот. Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција и Полициската станица Бит Пазар веднаш пристигнале на местото на настанот.
Откако ги забележале полицајците, разбојниците се обиделе да избегаат. Еден од полициските службеници испукал предупредувачки истрел во воздух. По кратка потера, уапсени се А.Х. и Е.А.
МВР информира дека се преземаат мерки за пронаоѓање на третото лице. По целосно документирање на случајот, против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.