Извозот порасна за 8,8%, а увозот за 8% во првите осум месеци од 2026 година

Извозот порасна за 8,8%, а увозот за 8% во првите осум месеци од 2026 година

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-август изнесува над 5,7 милијарди евра, што претставува раст од 8,81% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока во истиот период изнесува над 8,1 милијарда евра, бележејќи зголемување од 7,99 % во споредба со периодот јануари-август 2025 година.

Во структурата на извозот најголемо учество имаат катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење за возила, авиони или бродови, како и делови за седишта. Кај увозот најмногу се застапени нафтените масла, платината и легурите на платина во необработена форма или прав, други метали од платинската група и моторните возила за превоз на лица.

Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјата најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет држави заедно учествуваат со 49,7% во вкупниот обем на меѓународната трговска размена.

Дополнително, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека земјите членки на Европската Унија и понатаму го сочинуваат најзначајниот пазар за македонската економија, со учество од 58,5% во вкупната надворешнотрговска размена.