На археолошкиот локалитет Расница во село Корошишта, Струшко, се објавени најновите резултати од овогодишните истражувања. Најзначајното ново откритие претставува богато војничко погребување проследено со комплетна воена опрема, меѓу која се пронајдени штит, шлем, копја, меч и предмети изработени од злато, бронза и килибар.
Локалитетот Расница го привлече вниманието уште во 2024 година со откривањето на монументална гробна целина и богат археолошки материјал, вклучително бронзен шлем со златни апликации, златен надградник, сребрени предмети и кантарос. Наодите од 2026 година недвосмислено го потврдуваат карактерот на локалитетот како некропола од VI век пр. н.е. и овозможуваат попрецизно проучување на општествената структура, статус и погребните обичаи на елитите во Охридско-струшкиот регион.
На самиот локалитет беа презентирани првичните научни сознанија од страна на археолошкиот тим предводен од д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј. Со континуираните истражувања, Корошишта се определува како еден од најзначајните новооткриени археолошки комплекси од архајскиот период во државата.
На презентацијата присуствуваа директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, како и директорите на НУ Завод и музеј Охрид, Горан Патчев, и на НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“ - Струга, Цветлана Василевска.

