УЈП предупредува за лажни SMS пораки и обиди за измама кај граѓаните

УЈП предупредува за лажни SMS пораки и обиди за измама кај граѓаните

Управата за јавни приходи (УЈП) упати итно предупредување до граѓаните поради појава на лажни SMS пораки кои се испраќаат во име на институцијата. Во пораките лажно се наведува дека статусот на сметката за социјално осигурување е „абнормален“ и се бара итно решавање на проблемот преку приложен линк.

Од УЈП апелираат до сите кои ќе добијат ваква порака воопшто да не го отвораат линкот и да не внесуваат лични, банкарски или други чувствителни податоци, со оглед на тоа што станува збор за фишинг обид за измама и злоупотреба на финансиските податоци на граѓаните.

Управата ги повикува граѓаните сите информации и услуги поврзани со данските и социјалните сметки да ги проверуваат единствено преку официјалната веб-страница ujp.gov.mk, преку официјалните е-услуги или преку Инфо центарот на броевите 0800 33 000 и 02 3253 200.

Институцијата повторно нагласува дека не треба да се клика на линкови од сомнителни SMS пораки и препорачува известувањето да се сподели со блиските со цел да се спречат дополнителни злоупотреби.