Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на прес-конференција соопшти дека оваа недела започнува распределбата на првите картички за зелена нафта. За оваа мерка се обезбедени 584 милиони денари, што претставува зголемување на поддршката за 12,3 проценти, со цел намалување на трошоците за гориво при претстојната есенска обработка на земјоделските површини.
Дополнително, најавена е исплата на околу 150 милиони денари наменети за јаболкопроизводителите, односно поддршка од по два денари за килограм произведено и предадено јаболко од бербата во 2024 година, реализирана заклучно со 30 јуни 2025 година.
Заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, беа претставени и резултатите од спроведените контроли врз откупот на земјоделските производи. Со цел надминување на слабостите во системот, изготвен е нов Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи.
Новото законско решение предвидува задолжително склучување писмени договори пред испораката, однапред дефинирани услови за откуп и прецизни рокови за плаќање, со што се гарантира поголема сигурност за пласманот. Министерот ги повика сите земјоделци и здруженија кои протестираат да ги достават своите предлози преку ЕНЕР или подрачните единици на министерството.

