Јужнокорејскиот гигант „Hyundai Corporation Holdings“ ја разгледува можноста за инвестирање во ТИРЗ

Јужнокорејскиот гигант „Hyundai Corporation Holdings“ ја разгледува можноста за инвестирање во ТИРЗ

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денеска оствари средба со делегација од јужнокорејската компанија Hyundai Corporation Holdings, предводена од Сунгву Хонг, генерален менаџер на претставништвото за Европа.

Претставникот на Hyundai Corporation Holdings изрази особен интерес за Македонија како потенцијална дестинација за проширување на нивните производствени капацитети. Компанијата е во потрага по локации кои нудат добра инфраструктура, квалификувана работна сила и поволни услови за инвестирање.

Директорот Димовски ги презентираше потенцијалите и механизмите за поддршка што ги нуди државата за странските инвеститори. Тој нагласи дека примарна цел на ТИРЗ е создавање на уште поповолна инвестициска клима со проекти кои ќе донесат висока додадена вредност.

„Дирекцијата за ТИРЗ е целосно посветена на обезбедување на поддршка на странските инвеститори преку ефикасни административни процеси, стабилно и предвидливо деловно опкружување, како и олеснет пристап до современа инфраструктура и квалификувана работна сила,“ истакна Димовски.

Иако брендот HYUNDAI традиционално се поврзува со автомобилската и тешката индустрија, Hyundai Corporation Holdings го прошири своето делување во сегменти како електроника, хардвер и иновативни технологии. Портфолиото на компанијата денес вклучува домашни апарати, преносни генератори, опрема за домаќинство и индустрија, осветлување и батерии, што отвора значаен потенцијал за технолошки развој и соработка во рамки на македонските зони.

Средбата заврши со очекување за понатамошна соработка и конкретизирање на потенцијалната инвестиција во блиска иднина.

Следете ги најновите вести на Viber
Јужнокорејскиот гигант „Hyundai Corporation Holdings“ ја разгледува можноста за инвестирање во ТИРЗ