Народната банка (НБ) го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. На редовната седница на Извршниот одбор одржана на 4 ноември 2025 година, беше одлучено каматните стапки да останат непроменети, во согласност со тековните економски услови и најновите макроекономски проекции.
Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35%, додека стапките на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
И покрај забавувањето на годишната стапка на инфлација во септември на 4%, таа и натаму е во фокусот на монетарната политика. Според најновите проекции, се очекува инфлацијата за целата 2025 година да изнесува 3,9% во просек, а на среден рок да се сведе на 2% до 2028 година. Ова намалување се очекува да произлезе од закотвените инфлациски очекувања и намалените притисоци од увозните цени.
Економскиот раст во првата половина на 2025 година достигна 3,2%, а новите проекции на НБ упатуваат на забрзување на растот на бруто-домашниот производ (БДП) на 3,5% во 2025 година и 4% на среден рок. Инвестициите се очекува да бидат главниот двигател на растот.
На девизниот пазар, состојбата е стабилна. Нивото на девизните резерви на крајот на октомври изнесува 4.842,9 милиони евра, што се оценува како соодветно.
Банкарскиот сектор покажува солидна поддршка за економската активност. До крајот на 2025 година, Народната банка очекува раст на депозитите од 9,5% и раст на кредитите од 11,6%.