Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева, одржа работен состанок со претставниците на експертскиот проект задолжен за подготовка на конечната правна рамка на новиот Закон за заедничка организација на пазарите на земјоделски производители.
На средбата се разгледани клучните аспекти за забрзување на процедурата за донесување на овој законски текст, кој има за цел целосно хармонизирање на домашниот земјоделски сектор со регулативите на Европската Унија.
За време на разговорите е ставен акцент врз прецизното дефинирање на институционалните надлежности, како и врз потребата од идентификување и редефинирање на постојните мерки за поддршка. Дел од актуелните механизми кои по својата природа припаѓаат на заедничката пазарна организација во моментот не се соодветно нормирани во домашната регулатива, поради што е неопходно нивно прилагодување според европските стандарди и прецизирање на улогата на Агенцијата при нивната непосредна имплементација.
Директорката Иротова Лазарева посочи дека главниот приоритет на реформскиот процес е воспоставување функционален, ефикасен и транспарентен систем со јасно распределени обврски меѓу надлежните органи. Новата законска рамка ќе овозможи поквалитетна организација на земјоделските пазари, значително зголемување на конкурентноста на домашните производи и посилна системска поддршка за земјоделците.
Од Агенцијата потврдуваат дека институцијата останува целосно посветена на спроведувањето на инфраструктурните и законодавните реформи кои се услов за усогласување на македонското земјоделство со Заедничката земјоделска политика (CAP) на Европската Унија.

