Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на неговата работна посета на Брисел, оствари средби на кои се разговараше за унапредување на регионалните инфраструктурни проекти.
Тој се сретна со бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов, европскиот Координатор за коридорот Западен Балкан - Источен Медитеран, Мариан-Жан Маринеску, како и со Матеј Законшеќ, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.
Николоски информираше дека Договорот потпишан на 6 ноември 2025 година за изградба на третиот дел од пругата кон Бугарија наскоро ќе биде ратификуван во Собранието.
Директорите на двете железнички претпријатија заеднички почнуваат со подготовка за апликација за финансирање на проектот за тунелот.
Николоски потенцираше дека тендерот за третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија се очекува да биде објавен во декември или јануари.
Работната агенда на вицепремиерот Николоски продолжува и утре, каде што ќе учествува на Самитот на министри за транспорт на земјите од Западен Балкан и министри од Европската Унија.