Шест комплетно реконструирани операциони сали во клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Шест комплетно реконструирани операциони сали во клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу, денеска извршија увид во завршените реконструктивни зафати на хируршките клиники во рамки на комплексот „Мајка Тереза“.

Во оваа фаза од проектот комплетно се обновени шест операциони сали, од кои две се наоѓаат на Клиниката за трауматологија (ТОАРИЛУЦ), две на Клиниката за урологија и две на Клиниката за детска хирургија. Проектот опфати целосна замена на инсталациите, подовите и прозорците, како и изведба на сите градежни работи според највисоките современи медицински стандарди.

Министерот Алиу појасни дека станува збор за обемен инвестициски циклус во вкупна вредност од 282 милиони денари, кој предвидува обнова на вкупно 10 хируршки сали. По завршувањето на првата фаза, градежните активности продолжуваат на преостанатите четири сали, од кои три се наменети за Клиниката за дигестивна хирургија, додека една нова сала ќе биде ставена во функција на Ургентниот центар за потребите на еднодневните интервенции.

Покрај градежното реновирање, клиниките добија и најсовремена медицинска опрема која воведува нови методи во македонското здравство. На Клиниката за ТОАРИЛУЦ се инсталирани нови анестезиолошки машини, операциони светла, мобилен рендген апарат и специјализирана апаратура за бескрвни операции на екстремитетите, заедно со нов систем за вентилација.

Особено значајно е опремувањето на Клиниката за урологија, каде е набавен најсовремен апарат за таргет-биопсија на простата, единствен од ваков тип во регионот, како и ласер за бескрвни операции на простата, со што македонските пациенти добиваат пристап до дијагностика и третман какви што се применуваат во најразвиените светски уролошки центри.

Асоцијација (08 април 2026)