Спречен шверц на лекови во автобус на косовска туристичка агенција

Спречен шверц на лекови во автобус на косовска туристичка агенција

Инспекторите од Секторот за контрола и истраги при Царинската управа реализираа серија успешни акции во кои беа спречени повеќе обиди за криумчарење разновидна стока, по што се поднесени кривични пријави против четири лица.

Во заедничка акција на мобилните тимови и службата за скенирање, при контрола на автобус на косовска туристичка агенција кој сообраќал на релација Турција-Косово, откриени се вкупно 16.051 парчиња непријавени лекови во вредност од 1,6 милиони денари.

Најголемиот дел од лековите, кои вклучуваат хормонска терапија, таблети за дијабет и раствори за магнетна резонанца, биле скриени во фабричките шуплини на вентилацијата, поради што против двајца осомничени е веќе поведена кривична постапка.

Истовремено, на Меѓународниот Аеродром Скопје се спречени два обиди за нелегален внес на специфична опрема која подлежи на посебни дозволи. Турски државјанин се обидел нелегално да внесе 116 забни импланти вредни еден милион денари, додека шпански државјанин, кој патувал од Стокхолм, се обидел да прошверцува над 1.400 парчиња пирсинг од титаниум и опрема за тетовирање.

Додека за имплантите е поднесена кривична пријава за „криумчарење“, за опремата за тетовирање е поведена прекршочна постапка, а целата стока е привремено одземена.

На граничниот премин Богородица, царинските службеници спречија масовен обид за шверц на над 12 тони овошје и зеленчук. При контрола на камион во транзитна постапка, откриени се непријавени пратки на авокадо, ананас, јагоди и други егзотични производи со вкупна вредност од 1,4 милиони денари, за што е поднесена соодветна кривична пријава.

На истиот премин е спречено и криумчарење на златен накит во вредност од над половина милион денари, каде сторителот се обидел да избегне плаќање на давачки од околу 200 илјади денари, со што дополнително се потврдува засилениот интензитет на контролите за сузбивање на сивата економија

Асоцијација (08 април 2026)