Разбиена криминална шема за шверц на опасни филери: Уапсена сопственичка на салон за убавина

Разбиена криминална шема за шверц на опасни филери: Уапсена сопственичка на салон за убавина

Инспекторите од Секторот за контрола и истраги при Царинската управа спроведоа успешна акција во која се лишени од слобода три лица под сомнение за криумчарење на медицински препарати штетни по здравјето на граѓаните. Меѓу уапсените е и сопственичка на познат салон за убавина, која непроверените производи ги користела директно врз своите клиенти.

Целата операција започнала на граничниот премин Табановце, каде при детална контрола на комбе биле откриени 535 вијали со средства за слабеење и дури 7.400 етикети со натписи „TIRZ“ од 2.5 и 5 милиграми. Овие препарати биле вешто скриени во чаршави за постелнина со цел да се избегне царинската контрола.

Царинските тимови го држеле возилото под постојан надзор сè до крајната дестинација, каде била договорена примопредавањето на пратката. Во моментот кога сопственичката на салонот ја извршувала исплатата за шверцуваната стока, инспекторите стапиле на сцена и ја лишиле од слобода.

Веднаш по апсењето, по налог на јавен обвинител, бил извршен претрес во самиот салон за убавина. Таму биле пронајдени дополнителни количини на криумчарени дермални филери, препарати за нивно разградување, како и производи за редуцирање маснотии и подмладување. За ниту еден од овие производи не постоела документација за безбедност, исправност или доказ за законит увоз.

Истрагата покажала дека сопственичката не само што ги набавувала овие опасни средства по илегални патишта, туку и активно ги рекламирала и ги инјектирала кај граѓаните. Против тројцата инволвирани веќе е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за криумчарење и пуштање во промет на штетни средства за лекување.

Асоцијација (03 јуни 2026)