Фармацевтската компанија Реплек со приходи од 13,9 милиони евра во првата половина од годината

Фармацевтската компанија Реплек со приходи од 13,9 милиони евра во првата половина од годината

Во првото полугодие од 2026 година, Реплек АД оствари вкупни продажби во сегментот Фармација во износ од 13,9 милиони евра. Извештајот за работењето во овој период покажува исклучително силен перформанс на домашниот пазар кој бележи раст од 24%, додека на извозните пазари се забележува променета динамика под влијание на глобални фактори.

Клучни остварувања во првото полугодие

Во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година, Реплек АД на домашниот пазар оствари продажба од 4,8 милиони евра. Од друга страна, на извозните пазари се реализирани 9,1 милиони евра. Иако вкупните продажби во сегментот Фармација бележат намалување од 15% во однос на истиот период од 2025 година, домашниот сектор бележи континуирано засилување. Домашниот пазар сега учествува со околу 35% во вкупните продажби.

Како клучна се издвојува и реализацијата на првиот извоз на македонски производ кон Велика Британија, што претставува конкретна потврда за способноста на компанијата да навлезе на високо регулирани пазари.

Растот на домашниот пазар од 24% во првите шест месеци од годинава претставува дополнително забрзување во споредба со првиот квартал, кога тој изнесуваше 20%. Овој резултат е директна потврда на ефектите од новите производи лансирани во 2025 година кои постепено го наоѓаат своето место на пазарот, како и на силниот комерцијален придонес на клучните производни линии.

На извозните пазари, продажбите во првото полугодие беа под влијание на променета динамика во дел од партнерските канали, каде што настанаа поместувања во временските рамки на планираните испораки. И покрај тоа што побарувачката на клучните пазари останува непроменета и договорните обврски се во сила, реалниот момент на реализација на испораките останува под влијание на глобални фактори во синџирите на снабдување.

Стратешки фокус за наредниот период

Стратешките активности на компанијата во наредниот период остануваат фокусирани на понатамошно проширување на меѓународните пазари и продлабочување на соработката со постојните партнери. Истовремено, се работи на развој и лансирање на нови производи за проширување на постојното портфолио, како и на унапредување на производствените капацитети преку тековната изградба на новиот погон за полуцврсти и течни форми.

Компанијата е насочена и кон зајакнување на регулаторното присуство преку нови меѓународни регистрации, како и кон дигитализација и оптимизација на деловните процеси со цел зголемување на оперативната ефикасност.

Во втората половина од годината се очекува домашниот пазар да ја задржи растечката динамика. Тој ќе продолжи да претставува важен двигател на резултатите на Групацијата, поддржан со позиционирањето на новите производи и континуираните комерцијални активности.

Асоцијација (01 јули 2026)