Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на својата работна посета на Катар оствари серија средби со цел унапредување на билатералните односи, безбедносната соработка и економските врски меѓу двете земји.
Муцунски утрово се сретна со заменик-претседателот на Владата и државен министер за одбрана на Катар, шеикот Сауд бин Абдулрахман бин Хасан бин Али Ал Тани. На оваа средба фокусот беше ставен на натамошното унапредување на билатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната, при што соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални и меѓународни безбедносни предизвици.
Министерот Муцунски ја истакна улогата на нашата земја како членка на НАТО и ја поздрави улогата на Катар како важен партнер на Алијансата, со што беше потврдена заедничката заложба за зачувување на мирот и стабилноста преку зајакнување на дијалогот.
Во рамки на агендата, министерот за надворешни работи и надворешна трговија оствари средба и со катарскиот министер за трговија и индустрија, шеикот Фејсал бин Тани бин Фејсал Ал Тани. Разговорите беа насочени кон можностите за продлабочување на економската соработка и создавање нови механизми за поврзување на бизнис-заедниците на двете држави. Соговорниците се согласија дека позитивната динамика во политичките односи во иднина треба да биде проследена со поинтензивна инвестициска соработка и зголемување на трговската размена, преку конкретни иницијативи и поактивна соработка меѓу институциите и приватниот сектор.

