Се огласија од компанијата Макпрогрес, во кој избувна силен пожар кој уништи дел од производството. Според изјавата од компанијата, во целост е изгорен еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини од кои еден за суровини и еден за готови производи.
„Вчерашниот ден беше еден од најтешките денови кои сме ги доживеале. Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани, како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот“, стои во изјавата.
За жал, во текот на интервенцијата, 12 лица биле хоспитализирани: 3 пожарникари и 9 вработени. Осум од нив вдишале чад, а четворица се здобиле со полесни изгореници. Денеска, тим од „Макпрогрес“ ги посетил повредените во болниците во Кочани и Скопје.
Компанијата упати огромна благодарност до сите сили и институции кои учествуваа во справувањето со пожарот. Во соопштението се споменуваат пожарникари од повеќе градови, доброволни пожарникари, медицински екипи, полиција, Црвен крст, Стопанската комора, бизнис заедницата, локалните власти, доброволци и граѓани.
Пожарот, иако со помал интензитет, сè уште е активен на две места, но надлежните служби уверуваат дека нема ризик од негово проширување. Причините за пожарот се истражуваат, а од компанијата апелираат да се почекаат официјалните известувања од надлежните органи.
И покрај големата штета, „Макпрогрес“ најавува дека фабриката „Винчини“ ќе биде обновена. Компанијата нагласува дека ќе се направи план за прераспоредување на вработените кои ги изгубија своите работни позиции на други производствени линии кои останаа во функција, со крајна цел да се задржат сите вработени.
За да се поттикне продажбата и да се надминат последиците од пожарот, компанијата најави дека ќе ги задржи ниски цените на своите производи, а некои дури и ќе ги намали.
„Солидарноста која ја видовме вчера и денес уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“, се заклучува во изјавата дадена од сопствениците Глигор и Александар Цветанов.