Премиерот Христијан Мицкоски денеска на својот Фејсбук профил објави податоци кои, според него, го потврдуваат успехот на актуелната влада во стабилизирањето на економијата. Тој истакна дека се создаваат услови за економски раст, се отвораат нови работни места и трговската размена бележи пораст.
Според објавата на премиерот, стапката на невработеност е намалена на 11,5%, што е за еден процентен поен пониско во споредба со истиот квартал минатата година. Мицкоски посочи дека во споредба со вториот квартал од 2024 година, земјата има околу 10.000 нови вработени и 7.000 помалку невработени. Тој нагласи дека ова носи поголема сигурност за илјадници семејства.
Како уште една добра вест, премиерот го издвои растот на надворешната трговија. Во јули, извозот е зголемен за 4,69%, додека увозот за 4,35%. За периодот јануари-јули, извозот бележи раст од 5,41%, а увозот од 4,83%. Вкупната трговска размена на увозот во првите седум месеци од годината е поголема за 5,07% во однос на истиот период минатата година.
Мицкоски заклучи дека овие податоци се „реални резултати од одговорни политики“, спротивставувајќи се на, како што наведе, „црнилата“ кои ги шири опозицијата. Тој порача дека додека опозицијата „блокира и кочи“, владата „гради и носи подобар стандард за секое семејство“, со што Македонија оди напред.