Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Стопанската комора на Македонија влегуваат во партнерство за поддршка на кампањата „Македонско најдобро“, со цел зајакнување на домашната економија и промоција на македонските производи. Ова беше истакнато денес од страна на министерот Цветан Трипуновски, по средбата со претставници на Стопанската комора.
Министерот Трипуновски изрази задоволство од силната поддршка на Стопанската комора за оваа иницијатива. „Нашата цел е да ја раздвижиме домашната економија, да им помогнеме на компаниите што произведуваат и преработуваат македонски производи и да им оддадеме признание на нашите земјоделци, кои се основата на производството на храна“, истакна Трипуновски.
Како дел од соработката, Управниот одбор на Стопанската комора следната недела ќе донесе акт со кој формално ќе ја поддржи кампањата. Како резултат на ова, македонските производи ќе може да го носат логото „Македонско најдобро“, што ќе им помогне да се истакнат на пазарот.
Министерот Трипуновски информираше дека регистрацијата на земјоделците, преработувачите и маркетите на дигиталната платформа makedonskonajdobro.com.mk се одвива успешно. Со ова партнерство, се очекува кампањата да постигне уште поголем успех и да донесе позитивни економски резултати.
„Ќе останеме во континуирана комуникација со Стопанската комора за заедно да ги надградуваме добрите идеи и активности, со една цел – да вродат со позитивен економски плод“, заклучи министерот.