ССМ бара зголемување на минималната плата од најмалку 500 евра

ССМ бара зголемување на минималната плата од најмалку 500 евра

„Минималната, но и сите останати плати во Македонија мора веднаш да се зголемат!“ – порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на дебатата на манифестацијата „Текстилијада 9“, одржана во Штип.

Во своето обраќање, Трендафилов остро ја критикуваше економската реалност во која, како што рече, работниците добиваат по 400 евра месечно, а од нив се очекува да живеат, да издржуваат семејства и истовремено да обезбедуваат профит за своите работодавачи.

„Еден работник работи за себе, за работодавачот и за менаџерскиот тим, а добива плата со која не може да го преживее месецот“, истакна Трендафилов. Според податоци што ги наведе, секој работник му носи на својот работодавач од 300.000 до 600.000 денари годишна добивка, додека самиот живее на минимум.

ССМ досега има организирано 22 протести и два штрајка, со јасно барање – минимална плата од најмалку 500 евра, која ќе овозможи барем основен, достоинствен живот за македонскиот работник.

„Две минимални плати не ја покриваат синдикалната минимална кошничка, која денес изнесува околу 65.000 денари. А ако сакаме да живееме како функционерите – тогаш ни требаат 100.000 денари месечно“, порача претседателот на ССМ.

Трендафилов ја спореди состојбата со земјите од регионот, каде што минималните плати веќе достигнале или надминале 500 евра – меѓу нив Србија, Босна и Албанија – и потенцираше дека македонските работници не треба да заминуваат во странство за подобар живот, туку да имаат услови за достоинствен живот дома.

Осврнувајќи се на новиот Закон за работни односи, кој е во подготовка веќе седум години, Трендафилов оцени дека државата го одолговлекува процесот: „Овој закон чека подолго од времето потребно едно дете да тргне во прво одделение. Наместо вистински социјален дијалог, гледаме опасни измени на штета на работниците.“

ССМ бара зголемување на минималната плата од најмалку 500 евра