Царинската управа разби меѓународна криминална група и спречи шверц на 79 килограми марихуана

Царинската управа разби меѓународна криминална група и спречи шверц на 79 килограми марихуана

Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), разби меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога. Во акцијата се приведени пет лица, против кои е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Операцијата започнала по добиена разузнавачка информација, по што мобилните тимови пресретнале обид за шверц на 79 килограми марихуана на граничниот премин Дојран, на излез од државата. Дрогата била наменета за продажба на турскиот пазар.

Предистражната постапка покажала дека камионот, со кој управувал државјанин на Босна и Херцеговина, влегол во земјава натоварен со железни профили наменети за транспорт кон Грција. На однапред договорена локација во Македонија била извршена претоварка на марихуаната во камионот, по што возилото било запечатено со пломба што ја поседувал возачот.

Возачот го продолжил патот кон Грција преку ГП Дојран, каде што бил сопрен од мобилните царински единици. Со оваа акција Царинската управа спречи меѓународен синџир за шверц на наркотици и ја потврди посветеноста за системско сузбивање на организираниот криминал.