Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на вториот министерски состанок за енергетика во Белград, заедно со претставници од Србија, Грција и Бугарија. Главниот фокус на разговорите беше ставен врз регионалната соработка, диверзификацијата на изворите за снабдување и развојот на регионот како клучен енергетски коридор кон Европа.
На состанокот беше поздравено вклучувањето на Македонија и Србија во „Вертикалниот гасен коридор“, како и претстојниот почеток на изградбата на гасната интерконекција меѓу двете земји. Овој проект ќе се поврзе со гасоводот Македонија-Грција, чиј грчки дел се очекува да заврши до крајот на 2026 година, а македонскиот во 2027 година. Преку оваа инфраструктура и терминалот во Александруполис, земјата ќе обезбеди нов правец за снабдување со течен природен гас, со можност гасоводите во иднина да се користат и за транспорт на водород.
Во однос на електроенергетскиот сектор, министрите дискутираа за подготвеноста на преносните системи пред претстојната зимска сезона, развојот на обновливите извори, батериските системи и реверзибилните централи. По посебен акцент беше ставен на интеграцијата на пазарите на електрична енергија од Енергетската заедница со оние на Европската Унија, со цел овозможување поголема флексибилност и стабилност во снабдувањето.
Дополнително, на средбата беше разгледана можноста за развој на југоисточниот крак на нафтоводот по трасата Солун-Скопје-Ниш, како и прашања поврзани со Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM). Во рамки на посетата, каде учествуваа и претставници од МЕМО, МЕПСО и НОМАГАС, министерката Божиновска оствари и билатерална средба со бугарската министерка за енергетика Ива Петрова.

