Македонија бележи значителен напредок во енергетската транзиција, вклучувајќи во просек скоро по еден нов мегават (MW) обновлива енергија секој ден во последните четири години, објави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, на Регионалната конференција за зелена трансформација на Западен Балкан што се одржа во Тирана.
Заклучно со октомври 2025 година (сметано од октомври 2022 година), во земјата се изградени нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 1.200 MW.
Иако бројките се охрабрувачки, Бислимоски посочи дека периодот што претстои е полн со предизвици, од кои најголем е балансирањето на електроенергетскиот систем поради големиот прилив на електрична енергија од обновливи извори.
„Мораме во оваа фаза да делуваме и поттикнуваме инвестиции во енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија. Секако и употребата на батериите има своја улога, но неопходно е да е реализираат инвестиции со кои ќе се замени производството на струја од јаглен со гас или биомаса,“ посочи Бислимоски.
На Панелот посветен на формирање зони за побрза реализација на зелените инвестиции, беше истакната потребата од дигитализација на административните процеси за добивање дозволи.