Потпишан Договор за железничкиот тунел на Коридор 8 меѓу Македонија и Бугарија

Потпишан Договор за железничкиот тунел на Коридор 8 меѓу Македонија и Бугарија

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот на Бугарија Гроздан Караџов, денеска на железничката станица во Ѓуешево, Бугарија, го потпишаа Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8.

Вицепремиерот Николоски истакна дека овој чин е „сон на многу генерации“ и претставува историски момент со стратешко, економско и геополитичко значење за целиот Балкан и Европа.

Николоски потенцираше дека железничкиот Коридор 8 е исклучително важен за Македонија бидејќи ја поврзува земјата со две мориња, со што директно ќе ја зголеми конкурентноста на домашната економија.

Тој нагласи дека коридорот има и огромно безбедносно значење за НАТО Алијансата, особено во контекст на актуелната војна во Украина, служејќи како помош за Алијансата.

Првата фаза, од Куманово до Бељаковце, е завршена и ставена во функција оваа година и чинеше 79 милиони евра.

Втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка, се работи во моментов со рок за изградба октомври 2026 година, со предвиден буџет од 155 милиони евра.

За третата фаза, од Крива Паланка до границата, чиј буџет е околу 455 милиони евра, се очекува во тек на месец декември да се распише претквалификација за избор на изведувач и надзор, со поддршка од ЕИБ, ЕБРД и ЕУ.

Дополнително, предвидени се 110 милиони евра за сигнализација и електрификација од Куманово до границата, со цел да се добие најмодерна сигнализација по завршување на целиот коридор.

Вкупниот буџет за железницата од Куманово до границата изнесува најмалку околу 810 милиони евра, од кои 200 милиони евра се грант од ЕУ.

Николоски изрази незадоволство од досегашната работа на изведувачите на втората фаза, најавувајќи дека ќе се бара заедничко решение со партнерите од ЕБРД.

На крајот, вицепремиерот најави дека наскоро ќе го покани вицепремиерот Караџов во Македонија за завршување на втората и отпочнување на градежните работи на третата фаза.

Следете ги најновите вести на Viber
Потпишан Договор за железничкиот тунел на Коридор 8 меѓу Македонија и Бугарија